Универзитет нуди бесплатен онлајн курс за преживување на Марс

За да им помогне на „обичните луѓе“ да преживеат на Марс, доколку преселбата стане возможна, Универзитетот Монаш во Мелбурн, Австралија нуди бесплатен курс на интернет кој е посветен на тоа како да се преживее на Црвената планета.

Курсот е развиен од астрофизичарката Јасмина Лазендич-Галовеј и професорката по хемија Тина Овертон, а е именуван „Како да се преживее на Марс: Науката зад секое човечко истражување на планетата“. Курсот ќе трае четири недели, три часа неделно, а првата група ќе почне да учи на 24 октомври.

Според Лазендич-Галовеј, идејата за курсот се родила од нејзината и љубовта на Овертон за бестселерот на Енди Веир, „Марсовецот“, според кој беше снимен и истоимениот филм во кој глуми Мет Дејмон.

„Она што ни се допадна мене и на Тина беше книгата „Марсовецот“. Ни се допадна што во неа ние научниците бевме опишани како луѓе кои решаваат проблеми. Не како во другите филмови, во кои има вонземјани насекаде“, вели таа.

„Оваа приказна всушност покажа за што служи науката – не само досадни факти и формули, туку реални вештини за решавање проблеми“.

Курсот е осмислен за луѓето кои немаат претходно искуство со науката на вселената. Во него е вклучен и вовед во основните концепти, како живеење во вселената без воздух, способноста да се одгледува храна надвор од Земјата и наоѓање на извори на вода.

По завршување на курсот, студентите ќе можат „да применуваат основна наука за да ги истражуваат можните начини за производство на вода, кислород, храна и енергија на Марс“.

Двете професорки веруваат дека човечкиот вид ќе може да ја насели Црвената планета во текот на овој век.

„Луѓето мислат дека не можеме да ги правиме овие работи. Дека не можеме пак да се качиме на месечината, дека е премногу скапо и тешко. Но, тоа може да се направи, и ќе се направи“, вели Лазендиќ-Галовеј.