Универзалната сала со летна програма под отворено небо

Универзалната сала, на која неодамна и беше променето името во „Конгресен Центар А. Македонски“ во текот на летото најавува интензивни културно-забавни активности под отворено небо.

„Проектот „Скопска летна сцена“ претставува еден чин на музичко оплеменување на летните скопски вечери. Преку поставување на оваа сцена, се овозможува простор за настапи на повеќе истакнати музички групи од градот и пошироко. Воедно оваа сцена претставува алтернативно место за музичка забава на граѓаните на Скопје. Отворено за сите генерации, под ведро небо се планираат настапи во текот на целото лето.

Минатата недела имавме можност да ги чуеме синхронизираните и енергични „Лабаво Лавабо“ во понеделник, додека во четвртокот настапија младите „Марлон Брандо“, чијшто вокалист и фронтмен со својата театралност и смисла за хумор непрестајно не забавуваше. Во текот на ова лето се планираат уште многу музички состави, индивидуалци и музички ансамбли од земјата и странство, кои ќе продефилираат на скопската летна сцена“, велат оттаму.

Во склоп на проектот „Скопски улични музичари со рок свирки“, ќе се одржуваат настапи секој петок и сабота, со почеток од 20:00.

Овој петок ќе настапат Марлон Брандо а во сабота Chillplay со почеток од 20:00 часот.

На 13 јули (понеделник) настапува танцувачката група „Аглаја” од Белгија, со перформанс од 21:00 часот на летната сцена на платото, додека на 30 јули (четврток) ќе настапи фолклорниот ансамбл „Quartiere Villanova“ од Сардинија со почеток од 20:30.