Уништена небезбедна храна во дом за стари лица, изречени казни за 4 оператори со храна

За сторени прекршоци од поголем обем изречени се глоби во вредност од 1 550 евра во денарска противвредност за 4 оператори со храна во домови за стари лица, а само од еден контролиран оператор, нештетно се уништени 6 килограми небезбедна храна, соопштуваат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Инспекциските служби на АХВ спровеле 39 вонредни инспекциски контроли во домови за стари лица во земјава. Со контролите утврдено е дека само еден не бил регистриран како оператор со храна во АХВ за што му е изречена времена забрана за работа, глоба и даден е налог за негова регистрација во Агенцијата.

„Еден оператор со храна не ги задоволувал хигиенските барања за безбедност на храната, а 4 од контролираните домови за стари лица немале спроведено задолжителен задравствен преглед за вработените лица. За утврдените недоследности кои се однесувале и на нередовно водење на записи за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, недоставување на увид сертификати за спроведени обуки од областа на хигиената на храна, евиденција за набавки, доцнење со спроведување на задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и други помали недоследности, издадени се и три решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени“, пишува во соопштението од АХВ.

Како што во него се додава, при спроведените вонредни инспекциски надзори кај истата категорија оператори во ноември 2024 година, 14 не беа регистрирани како оператори со храна во АХВ, а нештетно уништени беа 40 килограми  небезбедна  храна. Издадени беа 16 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности, а парични казни изречени беа на 18 домови за стари лица.

Извор: Meta.mk