Унијата на ЗМСТАС контра Филипче: Не е безбедно учениците од медицинските училишта да се ангажираат во ковид центрите

Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ се противи на изјавата и предлогот на министерот за здравство Венко Филипче за можно ангажирање на учениците од четврта година од средномедицинските училишта во ковид центрите, како помош на медицинскиот кадар, стои во нивното соопштение.

Од Унијата се на став дека ваквата идеја не е безбедна за учениците, и како што велат, реагираат со цел ваквата идеја да не прерасне во одлука.

„Сметаме дека во еден ваков период кога се носат мерки за зачувување на здравјето на учениците и се препорачува он-лајн настава со цел да се намали трансмисијата во училишните клупи не е соодветна идеја малолетни ученици и недоусовршен кадар од средномедицинските училишта да биде впуштен директно во најголемите жаришта на оваа пандемија. Ние, професионалците од сестринската професија сметаме дека ризикот е многу голем“, реагираат оттаму.

„Во една за нас исклучително тешка ситуација со две медицински сестри на 30 пациенти, ангажман на учениците како помош дополнително би ги отежнало работите, пред се ризикот и нивната безбедност, и нашата одговорност за нив кои треба да учат – практицираат, а ние треба да ги менторираме. Учениците ако се заразат можеби ќе поминат асиптоматски, но што е со нивните најблиски? Ако е ова решение недовршени кадри да не надополнуваат ги имаме четирите високо образовни институции за идните дипломирани медицински сестри кои барем се полнолетни“, се додава во соопштението на Унијата.