Унија на средношколци: Ние сме легитимни, Пленумот е пара-организација

Веднаш по средношколскиот протест во Скопје поради лошите образовни реформи организиран од Средношколски пленум, со прес-конференција пред МОН и со контра порака се огласи Унијата на средношколците. Според нив, Средношколски пленум е пара -организација, без правна и институционална форма. За себе пак, тврдат дека се единствени легитимни претставници на средношколците.

„Пленумот е пара организација без легитимитет и кредибилитет. Нема никаква правна, ниту институционална форма, односно не се регистрирани како организација. Тоа е спонтана група која има политичка цел да ги злоупотреби средношколците и да ги направи политички инфантилни и да ги деградира. Токму затоа и на тие што денес протестираа, а и на нивните ментори ќе им порачаме – тргнете ги рацете од средношколците! Ние не сме политички вазали и престанете да ни ја навредувате интелигенцијата!“, наведуваат од Унијата.

Иако средношколците протестираат повеќе од еден месец, со барања за укинување на новиот концепт на државна матура и полагањето екстерното тестирање, Унијата на средношколци се огласи дури вчера, по средбата со раководството на МОН каде биле договарани начините за полагање на матурата.

Од Пленумот велат дека се чувствуваат изманипулирано поради вчерашната средба во МОН, со оглед на тоа што Унијата на средношколци има неактивен статус уште од 2013 година и се оградија од нејзините барања и спогодби.

„Нашата солидарност ќе ги победи сите обиди да не разединат и поделат на „оние кои имаат право на избор“ и „оние кои немаат“, порачаа од Средношколскиот пленум.
Претставници на Средношколскиот Пленум како организатори на маршевите низ десетина градови, и покрај ветувањето од МОН, досега не се повикани на средба во Министерството. Поради тоа, денеска излегоа на втор марш на кој се приклучија средношколци од повеќе средни училишта од Скопје и од други градови.

За Унијата на средношколци и Наставничкиот пленум е организација без идентитет „некоја од десетиците пленуми кои се формираа со еднократна намена“.