Унифицирањето на излозите во Старата скопска чаршија почнува на 1 октомври

Процесот на унифицирање на излозите на дуќаните во Старата скопска чаршија ќе почне да се реализира од 1 октомври, соопшти Министерството за економија.

За годинава е предвидено да бидат унифицирани 60-на дуќани во еден дел од чаршијата, најави министерот за економија Беким Незири по средбите со здруженијата на занаетчиите и на пазарџиите.

„Министерството за економија има обезбедено околу 400 илјади евра и веќе од октомври активно ќе започне унифицирањето на излозите во Старата скопска чаршија. Апликациите се уште не се поднесени затоа што проектот прво мора да се одобри од Конзерваторскиот центар и од Министерството за култура“, рече министерот Незири.

Со планот на властите, кој наиде на многу негодувања кај занаетчиите и трговците, но и кај јавност, која смета дека со ова се уништува автентичноста и духот на Чаршијата, се предвидува сите дуќани да имаат ист изглед, кој беше избран на повик кој го распиша Министерството за економија.