УНИЦЕФ: Секое деветто дете во светот живее во воена зона

Околу 250 милиони деца или секое деветто дете во светот, живее во земји кои се зафатени со насилни конфликти, соопштија од УНИЦЕФ. Оттаму додаваат дека само годинава се потребни речиси три милијарди долари за да помогне на најзагрозените деца во светот.

„Бројот на деца на подрачјата на кои владее хуманитарна криза ширум светот е во исто време и застрашувачки и освестувачки“, соопшти агенцијата на ОН за заштита на децата.

Агенцијата наведува дека годишните финансиски потреби за помош на децата во светот се удвоени за само три години, поради растот на бројот на конфликтите, но и на екстремните временски неприлики, што предизвикува се повеќе деца да бидат бегалци, но исто така милиони деца се изложени на недостиг на храна, насилство, болести, злоупотреба и лошо образование.