УНИЦЕФ: С. Mакедонија со најдолго затворање на училиштата, македонските ученици имаа онлајн настава 54 недели

Северна Македонија го забележа најдолгото затворање на училиштата за учење со физичко присуство, при што мнозинството ученици посетуваа настава на далечина вкупно 54 недели. Оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија, велат од УНИЦЕФ.

Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ, ја поздрави одлуката на Владата за отворање на училиштата за сите деца во септември. Истакнува дека сега, повеќе од кога било, на училиштата им се потребни ресурси и капацитети за да го надоместат изгубеното во наставата и менталната благосостојба.

Според неа, заедницата треба да го поддржи безбедното отворање на училиштата, а доколку ситуацијата се промени, затворањето на училиштата треба да се разгледа само како последна можност, кога нема други алтернативи.

„Со неизвесноста на почетокот од пандемијата, преминот кон настава од далечина беше неопходен, но замислен како краткорочна мерка, а не замена за учењето со физичко присуство. Владите низ светот многу често ги затвораа училиштата за настава со физичко присуство во подолг период. Затворањето на училиштата често се применуваше како прва, а не како последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, а баровите и рестораните остануваа отворени“, забележува ДиЏовани.

Од нивното истражување со раководителите на училиштата, наставниците и родителите во Северна Македонија, сфатиле дека, иако образованието од далечина помогнало децата да продолжат да учат, над половина од наставниците забележале пораст во бројот на ученици кои имале тешкотии или не успевале да го усвојат наставниот материјал поради наставата од далечина. Исто така, повеќето наставници известувале дека во одредени моменти од наставата на далечина, не можеле да контактираат со некои ученици.

Од УНИЦЕФ потсетуваат дека и пред пандемијата на Ковид-19, Северна Македонија веќе се соочуваше со образовна криза.

„Иако дава надеж тоа што земјата покажа подобрување при последните резултати од ПИСА, над половина од сите петнаесетгодишници во земјата не ги достигнале основните нивоа на знаење по читање и математика. Секое континуирано нарушување на образованието може да ги поништи овие придобивки. Со соодветни засилени превентивни мерки во училиштата и навремено откривање и изолација на случаите и на нивните контакти, ризикот од пренос на Ковид-19 во училиштата може да се контролира“, смета претставничката на УНИЦЕФ.

Таа ги пофали училиштата што се отворија во изминатата учебна година бидејќи според неа покажале дека имаат капацитет да ги следат протоколите за безбедност од Ковид-19. Исто така, за неа ветува и процентот на вакцинирани вработени во училиштата, која досега изнесува околу 62 проценти.