УНИЦЕФ повика на реформи во образованието базирани на докази, каде учениците ќе се центарот на промените

„Да се обнови и да заживее образованието за генерацијата на Ковид-19“, е глобалната тема на Меѓународниот ден на образованието годинава. УНИЦЕФ ги повика македонските власти да останат посветени на реформите во образовниот систем базирани на докази, при што учениците да бидат во центарот на промените.

„Дури и пред Ковид-19, постоеше образовна криза, при што според последните резултати на ПИСА, над половина од петнаесетгодишните ученици во земјава не успеаја да покажат дека ги совладале основите на читање и математика“, стои во изјаваа на претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани.

Според неа, пандемијата предизвика невидено нарушување на образованието во светот.

„Нееднаквиот пристап до можностите за далечинско учење, загубата на приходи во домаќинствата, дискриминацијата и слабите услуги на социјална заштита значат дека најранливите деца заостануваат далеку зад своите врсници и многу од нив се во ризик од целосно напуштање на образованието“, смета Ди Џовани.

Во нивната скорешна анализа на образовниот систем во земјата, спроведена заедно со ОЕЦД, тие посочија на бројни негативни аспекти во развојот на образованието.

До 14-та година од животот, учениците во основното образование добиваат речиси 900 часови помалку настава споредено со другите земји на ОЕЦД. Оценувањето не е засновано на утврдени национални наставни стандарди и не пренесува веродостојни и целесообразни информации за успехот на учениците. Само 28% од децата со попреченост посетуваат основно образование. Нема доволно финансиски средства за поддршка на висококвалитетна настава и обезбедување подобри можности за учење на сите ученици, се наведува во анализата.

„Во моментов, земјата е во процес на реформа на образованието. Оттука, треба да има поголемо вложување во професионалниот развој на наставниците во и вон училиштето, со цел наставниците да добијат пристап до можности за учење и можности да напредуваат во кариерата. Потоа, треба да се зголеми времето што учениците го поминуваат во основно училиште; да се обезбедат услови за целосно вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен систем во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост; да се зајакнат критериумите за избор на кандидати за идни наставници на наставничките факултети, давајќи им предност на оние со добри познавања и вештини за квалитетна настава; и да се стави фокус врз ефективна и ефикасна распределба на средствата, обезбедувајќи праведно финансирање и повисоки финансиски средства за училиштата воопшто“, гласат нивните препораки.

Според Ди Џование без амбициозни зафати во образованието, пандемијата уште повеќе ќе ја продлабочи сегашната образовна криза, со катастрофални последици по генерации ученици, како и по економската продуктивност и социјалната кохезија во земјата.

„Истражувањата во светски рамки покажуваат дека главниот двигател на добрите резултати во образованието е квалитетот и компетентноста на наставата. Затоа, пресудни за добриот образовен систем се мотивирани и компетентни наставници. Образовниот систем, на чело со наставниците, треба да им помогне на учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел“, изјави претставничката на УНИЦЕФ.

Таа нагласува дека е време да се инвестира во подобар образовен систем со цел образованието да стане средство за негување социјална правда, мир, почитување на различноста, човековите права и демократските вредности.