Повеќе од половина, или 55 отсто од децата на возраст меѓу 3 и 4 години во 74 земји (околу 40 милиони), имаат татковци кои не играат или не се вклучуваат во активности за рано учење со нив, се наведува во новата анализа на УНИЦЕФ.
„Она што ни го покажуваат ваквите бројки е дека татковците не успеваат да заземат активна улога во раните години на своите деца“, вели Лоренс Чанди, директор на УНИЦЕФ за податоци, истражување и политики. „Мора да ги отстраниме бариерите што ги спречуваат татковците да обезбедат поволна средина за напредување, вклучувајќи љубов, игра, заштита и здрава храна за нивните бебиња и мали деца. Мора да се погрижиме сите родители да имаат време, средства и потребно знаење за целосно да го поддржат раниот развој на своите деца.“
Анализата на УНИЦЕФ, која се служи со податоците од Мултииндикаторските кластерски истражувања (МИКС) за родителско однесување, се занимава со тоа дали децата на возраст од 3 и 4 години се вклучени во игра и активности на рано учење со своите татковци. Активностите вклучуваат читање, кажување приказни или пеење со децата; излегување надвор и играње; како и именување предмети, броење или цртање со нив. МИКС е најголемата збирка на споредливи податоци за однесувањето на родителите во светот.
За да поттикне повеќе татковци да заземат активна улога во развојот на своите деца и за да ја нагласи важноста на љубовта, играта, заштитата и добрата исхрана за здравиот развој на мозокот кај малите деца, овој месец УНИЦЕФ ги повикува семејствата да постираат фотографии и видеа за она што е потребно да се биде „супер татко“, со помош на хаштагот #EarlyMomentsMatter (#ПрвитеМоментиСе важни) на своите Инстаграм и Твитер профили.
Фотографиите и видеата на амбасадорите и поддржувачите на УНИЦЕФ кои застанаа зад кампањата се постираат на Инстаграм и Tвитер на УНИЦЕФ и се прикажуваат во галеријата на кампањата за да се инспирираат семејства од светот да ги споделат моментите што ги имаат со „супер татковците“.
УНИЦЕФ ги повикува владите и приватниот сектор да вложуваат повеќе финансиски средства и да влијаат врз политиките за поддршка на програмите за ран детски развој кои се фокусираат врз обезбедување потребни средства и информации за родителите, за заштита и нега на децата.