УНИЦЕФ: Половина од децата од Југоисточна Европа се соочуваат со семејно насилство

Европската унија (ЕУ) и УНИЦЕФ го проширија важното регионално партнерство чија цел е децата да се заштитат од насилство, а децата со попреченост подобро да се вклучат во општеството.

Иако од 2011 година, УНИЦЕФ и ЕУ соработуваат со земјите во процес на пристапување кон ЕУ, како што се Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, сега се вклучуваат и Косово, Црна Гора и Македонија, а од неодамна и Европскиот форум за попреченост (EDF) се приклучи кон партнерството.

Насилството е секојдневна реалност за илјадници деца низ цела Југоисточна Европа. Податоците покажуваат дека над 50 проценти од машките и девојчињата на возраст од 2 до 14 години (а во некои земји, над 70 проценти) биле изложени на барем една форма на физичко или тешко психичко казнување од страна на членовите на семејството. Кога насилството се случува во семејството, на многу деца сè уште им е крајно тешко да зборуваат со надворешни лица за тоа, а камоли да бараат заштита и обесштување.

Состојбата на децата со попреченост е дури уште посложена: често, тие се одделени од семејствата, премногу се застапени во институции со престој, се чуваат вон училиштата и исклучени се од секојдневниот јавен живот. Се соочуваат со предрасуди, стигматизација и тешка дискриминација. Многу од нив се „невидливи“ – не се претставени во официјалните податоци. Исто така, тие имаат речиси четирипати поголеми изгледи да доживеат насилство.

ЕУ и УНИЦЕФ ќе вложат 5,89 милиони евра – од кои 5 милиони евра доаѓаат од ЕУ – за ова регионално партнерство во текот на следните три години, и натаму цврсто ќе се залагаат секое дете да биде заштитено од сите форми на насилство и да биде рамноправен член на општеството.

„Веруваме дека ова партнерство може да внесе вистинска промена во животот на децата во регионот. Се потпираме врз стручноста и знаењето на УНИЦЕФ и EDF да влијаат врз политиките што ги засегаат децата кои се жртви на насилство и децата со попреченост. Во исто време, од клучно значење е да се допре до граѓанско-активистичките организации кои работат на заштита на децата и да се промовира инклузија на децата во општеството. Затоа, голем дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на мали граѓански организации, со цел да се постигне вистинска промена и одржливо подобрување на секојдневниот живот и идната перспектива на децата“, рече Јоханес Хан, комесарот на ЕУ за европска соседска политика и преговори за проширување.

Партнерството ќе придонесе кон подобрување на координацијата за мултисекторски одговор на насилството врз децата. Клучните професионалци ќе добијат подобри податоци, иновативни алатки, знаења и механизми за спречување или одговор на насилството, злоупотребата и запоставувањето, како и за намалување на социјалната дистанца меѓу децата со и без попреченост.

„Секој случај на насилство врз децата е премногу. Нивниот живот, здравје, безбедност, образование и иднина се ставени на ризик, а тие може да бидат обележани за цел живот. Мора да го кренеме гласот против насилството и дискриминацијата. Неприфатливо е да се користи насилство врз децата, особено врз децата кои се најранливи. Мора да најдеме ефективни решенија во земјата и заедницата за да ги заштитиме правата на сите деца и да им помогнеме да побараат обесштување“, вели Мари-Пјер Поаре, регионален директор и специјален координатор за бегалско-мигрантската криза во Европа.

Организациите на лицата со попреченост, вклучувајќи ги и самите деца со попреченост, ќе играат погласна и поактивна улога во мониторирањето и влијанието врз политиките за еднакви права и социјална инклузија на децата со попреченост.

„Од суштинска важност е децата со попреченост да бидат вклучени во сите активности за спречување на насилството врз децата. Исто така, оваа иницијатива е многу важна затоа што нејзината цел е да се изгради капацитет и да се вклучат организациите на лицата со попреченост и другите членови на граѓанскиот сектор. EDF со задоволство е партнер со УНИЦЕФ и ЕУ, за да помогне правата на децата со попреченост да станат реалност во регионот, каква што е нашата цел во Европа и во светот“, вели Јанис Вардакастанис, претседател на Европскиот форум за попреченост.