УНИЦЕФ: Девојчињата работат 160 милиони часови повеќе домаќинска работа од момчињата

Девојчињата на возраст помеѓу 5 и 14 години поминуваат 40 отсто повеќе време или 160 милиони часови во денот на неплатена работа во домаќинството во споредба со момчињата на нивна возраст, се наведува во извештајот на УНИЦЕФ, кој се објавува во пресрет на утрешниот Меѓународниот ден на девојчето.

Податоците покажуваат дека диспропорционалниот товар на домаќинска работа започнува порано, кога девојките се на возраст помеѓу 5 и 9 години поминуваат 30 отсто повеќе време, или 40 милиони повеќе часови дневно, во споредба со момчињата на нивна возраст.

Овие бројки се зголемуваат додека девојчињата растат, па така, помеѓу 10 и 14 години, тие поминуваат 50 отсто повеќе време, или 120 милиони часови повеќе дневно.

„Неплатената домаќинска работа започнува уште во раното детство и се зголемува во текот на нивната адолесценција“, вели главниот советник на УНИЦЕФ за родови прашања Ању Малхотра.

„Како резултат на тоа, девојките ги жртвуваат важните можности како учење, растење и едноставно уживање во нивното дество. Оваа нееднаква дистрибуција на труд меѓу децата, исто така, ги отсликува родовите стереотипи и двојното оптеретување на жените и девојките низ генерациите“, додава таа.

Извештајот забележува дека работата на девојките е помалку видлива, а често и потценета. Премногу често, обврските на возрасните, како грижењето на членовите на семејството, вклучително и децата, се наметнати на девојките. Времето поминато во обврски го ограничува времето на девојките да си играат, да се социјализираат со нивните пријатели, да учи и да биде дете. Во некои држави, собирањето на дрва за огрев и вода ги ставаат девојки под ризик од сексуално насилство.