УНХЦР: Во 2018 секој ден гинеле по шест луѓе преминувајќи го Средоземното Море

Бегалците и мигрантите во обидот да стигнат до Европа преку Средоземното Море ги губеа своите животи во загрижувачки размери во 2018, а прекинувањето на операциите за пребарување и спасување го зацврсти статусот на морскиот премин
како најсмртоносен на светот. Секој ден, во просек, биле загубени по шест животи, се наведува во најновиот извештај „Очајнички патувања“ на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци.

Се проценува дека 2.275 лица загинале или исчезнале преминувајќи го Средоземното Море во 2018 и покрај големиот пад во бројот на лица пристигнати на европските брегови. Вкупно, 139.300 бегалци и мигранти пристигнале во Европа, што е најнизок број во текот на пет години.

„Спасувањето животи на море не е избор, ниту пак прашање на политика, туку обврска од дамнина. „Можеме да ставиме крај на овие трагедии со тоа што ќе имаме храброст и визија да погледнеме подалеку од следниот чамец и да усвоиме долгорочен пристап што се заснова на регионална соработка и кој во својата основа го става човечкиот живот и достоинство“, рече Филипо Гранди, Висок комесар на ОН за бегалци.

Извештајот опишува како промените во политиките на неколку европски држави доведоа до бројни инциденти каде голем број лица беа заглавени на море со денови, чекајќи дозвола да се укотват. Бродови на НВО и нивните екипажи се соочија со растечки број рестрикции во нивните операции за пребарување и спасување. На рути од Либија до Европа, по едно лице загинало на море на секои 14 лица кои пристигнале во Европа – остар пораст споредено со 2017. Илјадници други биле вратени во Либија каде се соочиле со ужасни услови во центри за притвор.

За многу од нив, зачекорувањето во Европа беше последниот дел од кошмарното патување на кое се соочиле со измачување, силување и полов напад, како и со заканата на киднапирање и држење со цел изнудување откуп. Државите мораат да преземат итни мерки за разбивање на криумчарските мрежи и да ги изведат извршителите на овие кривични дела пред правдата.

Сепак, нови никулци надеж се појавија на некои места. И покрај политичкиот застој во прогресот со регионален пристап кон спасувањето на море и слегувањето од бродови, кој го побараа УНХЦР и ИОМ минатиот јуни, неколку Држави се посветија
на преселување во трета земја лица спасени во централното Средоземно Море – можна основа за предвидливо и трајно решение. Илјадници места за преселување во трета земја беа исто така ветени од страна на држави со цел да се евакуираат бегалци од Либија.

Извештајот исто така открива значителни измени во рутите што ги користат бегалците и мигрантите. За првпат во последните години, Шпанија стана првата влезна точка во Европа со 8.000 лица пристигнати преку копно (преку енклавите во Сеута и Мелија), а дополнителни 54.800 лица успешно го преминале западното Средоземно Море. Како резултат на тоа, бројот на смртни случаи во западното Средоземно Море пораснал речиси четирипати од 202 во 2017 на 777. Околу 23.400 бегалци и мигранти пристигнале во Италија во 2018, петпати помалку споредено со претходната година. Во Грција преку море пристинале сличен број лица, околу
32.500, споредено со 30.000 во 2017, но речиси трипати повеќе лица пристигнале преку копнената граница со Турција.

На други места во Европа, Босна и Херцеговина забележала околу 24.000 пристигнувања на бегалци и мигранти кои транзитирале преку Западниот Балкан. Кипар примил неколку чамци кои носеле сириски бегалци од Либан, додека Обединетото Кралство забележало мал број лица кои преминале од Франција при крајот на годината.