УНХЦР: Сирија ја напуштиле повеќе од четири милиони луѓе

Повеќе од четири милиони Сиријци или една шестина од вкупниот број ја напуштиле земјата од почетокот на граѓанската војна. Ова е најголем број на бегалци поради криза во последните 25 години, соопшти Агенцијата на Обединети нации за бегалци.

Вкупниот број бегалци кои поминуваат низ Турција порасна на еден милион за само десет месеци. Според УНХЦР, повеќе од 7 милиони Сиријци се внатрешно раселени од почетокот на војната во март, 2011 година.

Високиот комесар на ОН за бегалци Антонио Гутереш ова го нарече „најголемата хуманитарна криза на нашата генерација“. Повеќе од 230 000 лица се убиени во текот на изминатите четири години, посочуваат активистите.

Според УНХЦР, Турција е дом на најголем број сириски бегалци, околу 1,8 милиони. Овој број се очекува да расте со оглед на екскалацијата на конфликтот на границата меѓу двете држави. 1,2 милиони лица пребегале во Либан, додека над 600 000 во Јордан. Околу 270 000 Сиријци побарале азил во Европа.