УНХЦР: Mилиони лица во светот без државјанство може да не добијат вакцина

УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, предупредува дека многу од лицата без државјанство во светот може да не добијат вакцина како резултат на немањето државјанство или доказ за својот идентитет.

„Постојат милиони лица во светот за кои се знае дека се без државјанство, кои немаат државјанство од ниедна држава. Ова има страшно штетни влијанија врз нивните основни човекови права, а сега тие исто така може да бидат исклучени од пристапот до вакцините што спасуваат животи“, вели шефицата за Меѓународна заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс.

Во последниот извештај за влијанието на Ковид-19 врз популациите без државјанство, Агенцијата забележува дека мнозинството национални планови за имунизација не обезбедуваат јаснотија околу покривањето на лицата без државјанство.

УНХЦР предупредува дека многу лица кои немаат државјанство или лични документи ќе бидат исклучени доколку државите не направат особени напори да стигнат до нив и да ги премостат специфичните предизвици со кои овие лица редовно се соочуваат. Новиот извештај дава препораки и примери на добри државни практики во овој поглед, вклучувајќи прифаќање на алтернативни форми за доказ за идентитетот на едно лице.

„Во интерес на заштитата на животите на луѓето и осигурување на јавното здравје, националните вакцинациски планови мораат да се спроведат на што е можно поинклузивен начин. Со оглед на тоа дека многу лица без државјанство веќе се соочуваат со широкораспространето исклучување и маргинализација, пречките до пристапот мораат да се отстранат и оваа ситуација да добие особено внимание,“ рече Тригс.

Од почетокот на пандемијата, многу лица без државјанство продолжуваат да се соочуваат со потешкотии во пристапот до здравствена заштита и социјални услуги. Многу од нив можеби се плашат да отидат на тестирање или третман заради немањето правен статус, што може да ги стави во ризик од притвор или депортација, забележуваат од УНХЦР.

Цената на медицинската нега, вклучувајќи и вакцинации, може исто така да биде спречувачки фактор за лицата без државјанство бидејќи често тие не се покриени од државните јавноздравствени фондови, посочуваат од Агенцијата.

УНХЦР, која има формален мандат во ОН да го спречи и намали бездржавјанството и да ги заштитува лицата без државјанство, знае за постоењето на светска популација од најмалку 4,2 милиони лица без државјанство во 94 држави. Но, оттаму сметаат дека реалната бројка е значително повисока.

Повеќе од една година во пандемијата, УНХЦР исто така предупредува дека пореметувањата во услугите за запишување на раѓањето на деца создаваат нови ризици за бездржавјанство.

Со оглед на тоа што одреден број држави ги суспендираа услугите за запишување на раѓањето на деца како резултат на пандемијата, запишувањето на раѓањето – што е клуч во создавањето основа за државјанство – е на удар.

„Државите каде што услугите за запишување на раѓањето биле делумно или целосно суспендирани сега пријавуваат пониски стапки на раѓања, како и значителен број натрупани случаи. Целните кампањи за запишување на раѓањето за популации до кои тешко се стигнува, а кои имаат ризик од бездржавјанство, исто така се суспендирани во многу контексти. Ризиците од бездржавјанството се очекува да бидат највисоки за малцинските групи – кои го сочинуваат мнозинството од познати популации без државјанство“, заклучуваат од УНХЦР.