УНХЦР: Бројот на раселени лица во светот достигна 70 милиони, потребна е солидарност

Бројот луѓе кои бегаат од војна, прогонување и конфликт надмина 70 милиони во 2018. Ова е највисокото ниво кое УНХЦР, агенцијата на ОН за бегалци го има забележано во речиси 70 години од своето постоење.

Податоците од годишниот извештај на УНХЦР Глобални трендови, објавен денес, покажуваат дека речиси 70,8 милиони луѓе сега се присилно раселени. Ставено во перспектива, ова е двојно повисоко ниво од она од пред 20 години, за 2,3 милиони лица повеќе во споредба со она пред една година, и соодветсвува на население чија големина би се нашла помеѓу оние на Тајланд и Турција.

Бројката од 70,8 милиони е и пониска од реалната, особено со оглед на тоа дека кризата во Венецуела е само делумно отсликана во неа. Севкупно, околу 4 милиони граѓани на Венецуела, според податоци од владите на државите кои ги примиле, ја напуштиле својата земја, што ја прави оваа криза една од најголемите скорешни кризи на раселеност во светот.

Според УНХЦР, иако мнозинството од тие луѓе имаат потреба од меѓународна заштита, до денес само половина милион луѓе го имаат направено чекорот на формално поднесување барање за азил.

„Она што го гледаме во овие бројки е дополнителна потврда за еден подолгорочен растечки тренд во врска со бројот луѓе кои имаат потреба од безбедност од војна, конфликт и прогонување. Иако јазикот околу бегалците и мигрантите е често во знакот на поделби, сведоци сме и на наплив на великодушност и солидарност, особено од заедници кои самите се домаќини на високи броеви бегалци. Сведоци сме и на досега невиден ангажман на нови чинители, вклучително и од областа на развојот, приватни бизниси и поединци, што не само го отсликува, туку и го отелотворува духот на Глобалниот договор за бегалци,“ изјави Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

„Мораме да продолжиме да градиме на темелите на овие позитивни примери и да ја продлабочиме нашата солидарност со илјадниците невини луѓе кои секој ден се присилени да избегаат од своите домови“, дополни тој.

Во рамките на бројката од 70,8 милиони лица од извештајот Глобални трендови се содржани три главни групи. Првата од нив се бегалци, односно лица кои се принудени да побегнат од својата земја поради конфликт, војна или прогонување. Во 2018, бројот бегалци достигна 25,9 милиони лица во светски рамки, за 500.000 повеќе во споредба со 2017. Во оваа група спаѓаат и 5,5 милиони палестински бегалци кои се под грижата на Агенцијата на ОН за помош и работи (UNRWA).

Втората група се баратели на азил – лица кои се наоѓаат надвор од својата земја на потекло и добиваат меѓународна заштита, но го очекуваат исходот од нивното барање за статус на бегалец. На крајот на 2018 низ светот имало 3,5 милиони баратели на азил.

Третата и најголема група, со вкупно 41,3 милиони лица, се луѓе раселени во други области во рамките на сопствените држави, категорија која вообичаено се именува со поимот внатрешно раселени лица.

Сепак, само 92.400 бегалци биле преселени во трета земја во 2018, помалку од 7 проценти од сите кои чекаат преселување. Околу 593.800 бегалци ја искористиле можноста да се вратат дома, додека 62.600 биле натурализирани.

„Во секоја бегалска ситуација, каде и да е, колку долго и да траела, постојано мора да се нагласуваат решенијата и отстранувањето на пречките кои им оневозможуваат на луѓето да се вратат дома“, изјави Гранди. „Ова е комплексна работа во која УНХЦР е постојано вклучена, но која бара и од сите држави да се здружат за заедничко добро. Ова е еден од големите предизвици на нашето време“.

Глобални трендови 2018 – 8 факти:

  • ДЕЦА: Во 2018 година, секој втор бегалец бил дете, многумина од нив (111.000) сами и без своите семејства.
  • ДЕЦА ДО 5-ГОДИШНА ВОЗРАСТ: Уганда пријави 2.800 деца-бегалци на возраст од пет години или помалку, сами или раздвоени од нивните семејства.
  • УРБАНА ПОЈАВА: Како бегалец, поверојатно е дека би живееле во град (61%) отколку во рурална област или во камп.
  • БОГАТИ И СИРОМАШНИ: Земјите со високи приходи во просек се домаќини на 2,7 бегалци на секои 1.000 жители; земјите со средни и ниски приходи во просек се домаќини на 5,8 бегалци; најсиромашните земји се домаќини на една третина од светскиот број бегалци.
  • ЛОКАЦИЈА: Околу 80% од бегалците живеат во земји кои се соседни на нивната земја на потекло.
  • ВРЕМЕТРАЕЊЕ: Речиси 4 од 5 бегалци се раселени најмалку пет години. Еден од секои 5 бегалци е раселен 20 или повеќе години.
  • НОВИ БАРАТЕЛИ НА АЗИЛ: Најголемиот број нови барања за азил во 2018 доаѓаат од жители на Венецуела (341.800).
  • ВЕРОЈАТНОСТ: Размерот на бегалци, баратели на азил или внатрешно раселени лица сега е 1 од 108 во однос на вкупниот број на светско население; пред 10 години беше 1 од 160.