По жестока дискусија, со 123 гласови „за“ и 38 „против“, Унгарскиот Парламент ги усвои измените во Законот за високо образование кои претставуваат закана за работата на Централно-европскиот универзитет, чиј основач е филантропот и бизнисмен Џорџ Сорос, пренесуваат унгарските медиуми.
Сепак, за да биде официјално усвоен, предлог-законот треба да го потпише и претседателот Јанош Адер. Покрај ова, медиумите пишуваат дека расправата за предлог-законот може да стигне и до Уставен суд, бидејќи зелената либерална партија вети дека ќе ги оспори измените.
Според измените, секој странска финансирана образовна институција во Унгарија може да работи единствено откако земјата на потекло на институцијата и Унгарија потпишат меѓувладин договор. Исто така, со овие измени се налага универзитетот да функционира и во земјата на потекло.
Универзитетот на Централна Европа, основан во 1991 година, е познат како силен критичар на сегашната влада на Унгарија. Вработените тврдат дека измените се посебно насочени кон нив, бидејќи се поднесени пред точно една недела. Унгарската влада, сепак, рече дека законите имале за цел само да го направат системот потранспарентен.
Според предлог-законот, ЦЕУ има рок до октомври да се приспособи на новите правила за да може идната академска година да запишува нови студенти.
За студентите ова претставува закана за нивната иднина и директен напад врз универзитетот како институција.
Илјадници демонстранти се собраа пред Парламентот во неделата за поддршка на универзитетот, а организаторите на демонстрациите соопштија дека ќе продолжат со протести ако владата не ги повлече измените во високото образование.