Во унгарскиот парламент денес беше доставен предлог закон против невладините организации, чија цел е да ја забрани фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос. Законот се предлага неколку дена откако со друг закон беше оневозможено да работи Централниот Европски Универзитет, финансиран од Сорос.
Идејата за овој предлог закон беше јавно објавена пред неколку недели, но тогаш владата рече дека за него ќе се гласа во мај. Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, започна јавна битка преку медиумите против американскиот милијардер со унгарско потекло, пред неколку месеци.
Доколку предложениот закон биде усвоен, ќе воведе нови рестрикции оправдани со „грижи за националната безбедност“ и потребата од дополнителна транспарентност. Законот би вовел дополнителни товари за пријавување за невладините организации, кои веќе се соочуваат со многу мерки за транспарентност, меѓу кои и задолжително објавување на сите финансии.
Според владата, овој закон би ја создал можноста да им се разјасни на јавноста кои организации сакаат да влијаат на јавното мислење во Унгарија, и на однесувањето на индивидуалните граѓани. Предлог законот е многу сличен на оние кои веќе се усвоени во Русија и Израел.
Според Фондацијата Отворено општество на Сорос, предлог законот е стигматизирачки, дискриминаторен и непотребен, и има за цел да ги замолчи критичарите на власта.
„Овој закон ги напаѓа луѓето кои им помагале на граѓаните да и се спротивстават на корупцијата и арбитрарната моќ, кои се бореа за слободни и независни медиуми и за отворена дебата. Мислењето дека било што од ова претставува закана за националната безбедност е апсурдно“, вели Горан Булдиоски, директор на Фондацијата Отворено општество во Европа.