Унгарија одбива да им даде храна на одбиените баратели на азил, обвинуваат активисти

Властите во Унгарија престанале да доставуваат храна на одбиените баратели на азил кои се држат во транзитните зони на границата со Србија од почетокот на август, обвинија од организацијата Хјуманс Рајтс Воч (ХРВ).

Според групата за човекови права, две авганистански семејства и браќа од Сирија се меѓу луѓето на кои им е одбиено доставувањето храна откако нивните барања за азил биле одбиени според нова процедура на поднесување.

Во изјава за Еуроњуз, унгарската Канцеларија за имиграција и азил ги отфрлила обвинувањата за било какви неправилности.

Во авганистанските семејства храна добила мајка која дои и дете, но нивните правни застапници за ХРВ изјавиле дека им било јасно кажано храната да не ја споделуваат со другите членови на семејството.

„Владата допре ново нехумано дно со одбивањето да даде храна на затворени луѓе, очигледно уживајќи во кршење на човековите права, вклучувајќи ги и обврските кои ги имаат како член на Европската Унија“, изјавила во соопштение до јавноста Лидија Гал, истражувач на ХРВ за Источна Европа и Балканот.

„Оваа негрижа за добросостојбата на луѓето е последица на циничниот потег луѓето да се откажат од барањето за азил и да ја напуштат Унгарија“, додала Гал.

На 10-ти август Европскиот суд за човекови права им нареди на властите во Унгарија да продолжат со дистрибуцијата на храна на двете авганистански семејства, откако унгарскиот Хелсиншки комитет поднесе итна претставка. Оттогаш Судот наредил продолжување на дистрибуција на храна по уште три други претставки, вклучително и двата браќа од Сирија.

Владејачката партија во Унгарија, Фидез, е прилично отворена во критиките кон предложените квоти за прифаќање мигранти, а во 2015 година, за време на пикот од бегалската криза, владата нареди изградба на ограда со бодликава жица на границата со Србија за да сопре нелегална миграција.