Унгарија ќе им плаќа на младите за да се вратат во земјата

Унгарскиот парламент започна кампања со која ги охрабрува младите Унгарци кои живеат во странство да се вратат во земјата.Иако властите се ангажирани со акциите за запирање на бранот од мигранти кои пристигнуваат во нивната држава, вклучувајќи ги и плановите за градење ограда на границата со Србија, сепак ја почнаа кампањата „Млади, вратете се дома“ , наменета за младите Унгарци, јавува ББС.

Унгарската Влада предлага да им се плаќаат по 100.000 форинти (356 долари) месечно на лицата кои емигрирале во странство, но решиле да се вратат во татковината. Целта, како што пишува провладиниот весник  Hungary Today е да им помогне со трошоците околу сместувањето во текот на една година. Со програмата е обезбеден е и бесплатен лет до Унгарија, а како што информираат од унгарскиот секретаријат, од крајот на април, кога програмата стапи во сила, во земјата се вратиле 800 лица.

Многу европски држави се соочија со „одлив на мозоци“ кога младите во потрага по работа и подобри плати мигрираа во побогатите држави. Околу 350 000 Унгарци во моментов работат во странство, според националната статистика. Сепак критичарите на програмата вредна околу 355 000 долари посочуваат дека далеку повеќе пари се потрошени само за неодамнешните постери за кампањата против мигрантите. Во рамките на оваа кампања низ целата држава беа поставени билборди со слогани како „ Ако дојдете во Унгарија не може да им ги земате работните места на Унгарците“. Ова пак беше исмеано од дел од граѓаните кои потсетија на растечката стапка емиграција во земјата преку слични постери, но со различен слоган „Не доаѓајте во Унгарија, ние веќе работиме во Англија“, пишува ББС.