Судиите од Европскиот суд на правдата одлучија дека унгарската влада го прекршила европското право со воведувањето на рестрикции во финансирањето на невладини организации.
Судот соопшти дека унгарскиот закон го прекршува слободното движење на капиталот и основните човекови права.
„Преку воспоставување обврски за регистрација, декларација и објавување на одредени категории од граѓанските организации кои директно или индиректно примаат поддршка од странство, која надминува одреден праг и со овозможување можност за казни за организациите кои не ги исполнуваат овие обврски, Унгарија вовела дискриминаторски и неправедни рестрикции и кон организациите и кон лицата кои им овозможуваат таква поддршка“, стои во одлуката на Судот.
Во 2017 година унгарската влада усвои закон со кој се запираат финансирањата на организации повисоки од 22 илјади евра кои доаѓаат од странство. Во нивното образложение, тие наведоа дека средствата можеле да се користат за перење пари или финансирање на тероризам.
Според законот невладините организации морале да ги пријават до унгарските судови сите донатори и сумите кои ги примиле, за секое финансирање кое надминува 1.400 долари, а тие информации потоа се објавуваа на јавно достапна онлајн платформа. Истовремено сите унгарски НВО-а кои примале странски донации морале на својата интернет-страница и во своите публикации да имаат напишано дека се „организации кои добиле финансиска поддршка од странство“.
Рестрикциите кон НВО секторот од јавноста беа оценети како пресметка со милијардерот филантроп Џорџ Сорос и организациите како неговата Фондација Отворено општество кои даваа поддршка за унгарски невладини организации. Владата тврди дека овие организации работат против националниот интерес.
Претседателот на Фондацијата Отворено општество, Патрик Гаспар, ја поздрави одлуката на Судот.
„Пресудата ќе одекне низ Европската Унија како потврда дека граѓанскиот ангажман е клучен столб на демократските вредности“, рече Гаспар.