Унгарец облечен како полжав се тркаше со воз за да покаже колку е бавна железницата

За да се поминат 78 километри од градот Дебрецин до Матешзалка во Унгарија со воз, патувањето трае 1 час и 45 минути. На социјалните мрежи се прошири видео од човек кој, очигледно револтиран од долгите патувања, се трка со возот облечен како полжав.

Метешзалкаликс, група активисти од локалната заедница, за Еуроњуз изјавиле дека го користеле полжавот за да илустрираат колку бавно се движат возовите.

Членот на групата, Левенте Линтењи, изјавил дека тие се надеваат дека железничката пруга ќе биде целосно реновирана и ќе дозволи брзина од 80 километри на час, со што патувањето би се скратило за 45 минути. Токму лошата состојба на пругата е причина за спороста со која се движат возовите.

Граѓаните од Метешзалка, кои студираат или работат во Дебрецин, кој е втор град по големина во Унгарија, најчесто го користат железничкиот превоз. Локалните власти ветиле санирање на 26 километри од железничката пруга до 2020-2021 година.

Активистите велат дека тоа не е доволно, додавајќи дека до 2021 година и на останатите делови од пругата ќе им биде потребна санација.

Еуроњуз се обратиле и до Унгарската железница МАВ, но не успеале да добијат коментар. Компанијата за државната телевизија соопштиле дека на линијата постојат три места каде возовите треба да одат побавно.

Групата активисти бара на патниците да им биде овозможена и вода за да можат да ги измијат рацете по користење на тоалетите. Унгарската железница нема систем кој овозможува вода поради ризиците од мрзнење за време на зимските периоди.