УНЕСКО предупредува за пораст на агресијата врз новинарите за време на демонстрациите

Организацијата за образование, наука и култура (УНЕСКО) го вклучи алармот поради голем пораст на агресија врз новинарите за време на демонстрации ширум светот, главно од безбедносните сили, пренесува српски „Н1“.

Според оваа организација на Обединетите нации (ООН) која денеска објави извештај во однос на ова, во текот на последните пет години, „во светот е забележана поширока тенденција кон нелегална употреба на сила од страна на полицијата и безбедносните служби“.

Во 2015 година, од УНЕСКО наброија околу 15-тина протестни собири за време на кои новинарите биле спречени да ја извршуваат својата работа, а тој број се зголеми двојно во 2019 година на 32 напади.

Оваа бројка се очекува да се зголеми годинава затоа што од јануари до јуни имаше 21 собир обележан со напад на слободата на медиумите, соопшти УНЕСКО.

Организацијата наведува дека податоците укажуваат дека е „надминат нов загрижувачки праг, откривајќи значителна и растечка закана за слободата на медиумите и слободата на пристап до информации во сите региони на светот“.

Од УНЕСКО укажуваат на уште еден загрижувачки податок, односно дека десет новинари се убиени за време на демонстрации во последните пет години.

„Ја повикуваме меѓународната заедница и сите релевевантни власти да обезбедат почитување на основните права“, рече генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азуле.