Уметникот што ја направи џиновската патка обвини бразилски демонстранти за плагијат

Холандскиот уметник Флорентин Хофман, кој стои зад „Мama Duck“, џиновската пловечка патка и стана познат по тоа што ја испраќа низ целиот свет, ги обвини бразилските демонстранти за плагијат, откако искористија слична огромна гумена птица, за време на протестите против нивната претседателка Дилма Русеф.

Бразилската индустриска група FIESP, ја нарача патката за да ја користи на протестите против корупција и високите даноци. Патката го носи слоганот „Повеќе нема да плаќаме за патката“, односно „Повеќе нема да плаќаме за нешто што не е наша вина“.

Сепак, холандскиот уметник, кој создаде вакви патки во неколку градови низ светот вклучително и во Хонг Конг, Сиднеј, Њујорк, а ставаше и други животни, како огромен нилски коњ во реки како Темза, тврди дека овој чин на бразилските демонстранти е директна реплика на неговото дело.

Тој за BBC изјави:

„Тој е ист како нашиот дизајн и нашите специфични технишки шеми. Менувањето на очите не го менува нашиот технички дизајн на формата и клунот“.

Бразилската патка има крстови наместо очи и слоган од предната страна, а е изработена од истата фабрика во Сао Паоло, каде е направена и џиновската патка на Хофман. Од фабриката велат дека не направиле ништо погрешно и дека потрошиле четири часа во редизајнирање на патката. Меѓутоа, Хофман вели дека фабриката не донела мудра одлука. Според него, тоа е нелегално користење на истиот дизајн и со тоа се кршеле авторските права.

Од FIESP, пак, велат дека им било кажано оти патката е оригинална. Покрај контроверзната џиновска патка, групата, исто така, направи протестни перформанси со илјадници помали гумени патки во главниот град на земјата Бразилија, како поддршка на иницијативата со која се бара оставка на Русеф, поради тврдењата дека таа менувала владини сметки за да скрие растечки дефицит.