Уметник направи скулптура во чест на мачорот Томбили во Истанбул

Турски скулптор во сеќавање на Томбили, мачорот кој стана познат на социјалните мрежи по мемињата со неговиот лик, направи мал споменик во Истанбул во населбата Зивербеј, каде првично бил фотографиран. Скулптурата свечено ќе биде претставена пред јавноста утре, по повод Светскиот ден на животните пренесува Хуриет.

По онлајн кампањата на сервисот Change.org, со која граѓани бараа од општината Кадиќој да подигне комеморативна скулптура на Томбили, скулпторот Севал Шахин доброволно направи скулптура, прикажувајќи ја познатата поза на мачорот на тротоарот.

Томбили, кој стекна светска слава преку мемињата со неговиот лик, почина по едномесечна болест на 1 август. Неговата смрт беше соопштена преку некролог закачен на дрво во населбата, на кој пишувало „Ќе продолжиш да живееш во нашите срца“.