Уметници ќе го чистат дворот на Клинички центар

Низ Фејсбук почна да се шири информација за утрешна акција за чистење на дворот на Клинички центар. Група уметници веќе се приклучуваат на иницијативата, која е најавена за 10 часот пред влезот на Центарот, а претходно беше поттикната од статус на актерката Сања Арсовска.

„Ми текна сосема искрено, бидејќи сме реално на распуст од сезона од театар, без работни обврски, па е убаво да покренеме некаква иницијатива за општествена одговорност, во време кога имаме простор да бидеме корисни. Со самото тоа што сме уметници, значи претставуваме авангарда која во општеството треба да гради културолошки вредности во секое поле, без разлика дали се социјални, уметнички, еколошки, сообраќајни итн“, вели Арсовска за Радио МОФ.

Таа веќе објави дека ако направат некаква акција, може нешто ќе променат во јавната свест, некој ќе сфати дека освен право на животна средина има и обврска кон истата.

Уметниците кои ја шират иницијативата ги повикуваат нивните колеги и напоменуваат дека утре ќе има црни ќеси и ракавици, a за тие што сакаат да им се придружат – нека земат нешто дополнително.

„Цел ни е како уметници да влијаеме во промената на свеста на граѓаните кои се однесуваат несовесно кон животната средина. Планираме акцијата да ја правиме еднаш неделно на различни локации за време на летниот период. Секој што сака да ни се придружи е добредојден“, стои во повикот за иницијативата.

Б.Ш.