Уметничкиот проект КУЦ Текстил започнува со летна програма во Штип

Во Културно уметничкиот центар Текстил во Штип од 1 до 15 јули ќе одржи уметнички проект на Филип Јовановски во соработка со организацијата ГЛАСНО, Кристина Костова, Кристијан Панев, Владимир Лукаш. Кураторка на проектот е Билјана Тануровска – Ќулавковски.

Проектот се состои од перформансот „Штипски Гибања” на актерката Сања Арсовска, изложба на фотографии „Она што беше КУД „Македонка” на Благој Самоников, ДЈ сет на Вера Јанковиќ „Штип е И мој град“, настап на Equinox Jazz Дуо – Штип, детско Катче под раководство на Кристина Ампева, часови по англиски за деца, работилница „Како до синдикално здружување“ со Милан Живковиќ, текстилни проекции, поетско читање во организација на „Астални проекции“, урбани уметнички акции, работилница за човековите права на текстилните работници со Уранија Пировска, проекција на филм за правата на луѓето со посебни потреби и нивната пристапност до јавните институции, работилница за цртање на детски читанки со Владимир Лукаш и Александар Иванов, саем на книги во организација на Темплум, проекција на филмот/ фото есеј  „И фабриките имаат душа“ од Јане Алтипармаков и Наташа Гелева, самостојната изложба „Херои на работничката класа“ на Наташа Гелева и други инсталации.

КУЦ Текстил е културно уметнички центар кој има за цел да организира активности кои се осмислени во соработка со повеќе штипјани и во насока на третирање на теми кои се поврзани со локалната индустриска гранка – текстилот.

Главната оска на овој центар, која го придвижува неговото функционирање е двонеделната програма која обликува уметнички концепт замислен од уметникот Филип Јовановски. Оваа програма вклучува повеќе дискусии за работнички права и формите на синдикално здружување, работилници за деца, дискусиони средби, музички настани и друго и преку неа се обидува да поттикне платформа за размислување и споделување искуства и да создаде релации.

Една од главните активности на центарот е и работењето на организацијата „Гласно“ која се обидува да ги промовира, поттикнува и анализира правата и начините на организирање на текстилните работници во Штип и штипско со цел подобрување на нивните работнички и животни права.

Културно уметнички центар Текстил-Штип, е дел од проектот КЗГП (Култура за граѓански промени) на организацијата Факултет за работи што не се учат во партнерство со организациите: Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата, Скопје, Фондација за развој на локалната заедница, Штип, Плоштад Слобода , Скопје, Центар за современи уметности, Скопје.