Уметнички проект на Зоран Попоски на границата помеѓу Јужна и Северна Кореја

Уметнички проект од македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски е дел од меѓународниот уметнички фестивал ДМЗ во демилитаризираната зона на границата помеѓу Јужна и Северна Кореја.

На него учествуваат повеќе од 60 уметници од 11 земји, меѓу кои Јапонија, Кина, Индија, Хонг Конг, Кореја, Германија, Канада. Тема на овогодинешното издание на фестивалот е „Соочување со другиот“.

„Во средбата, се соочуваме со реалноста што е повеќе отколку само остаток од поделбата север-југ: тоа е длабоко отворена лузна што опстојува до денес. Соочувањето еден со друг е заради активно зацелување. Соочувањето со другиот мора да започне со признавање на другиот“, истакнува уметничкиот директор на фестивалот, Џуман Ча, во каталогот за изложбата.

Попоски се претставува со дигиталната графика „Конфликтот во Македонија однесе две жртви“, дел од проектот „Апстрактна политика“ (2009-2015).

Попоски (роден 1974 година во Скопје) магистрирал уметност во нови медиуми, а докторирал студии на културата. Има реализирано повеќе од 60 меѓународни изложби. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, тој ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.