Уметнички инсталации на Рекорд, Маџир маало, Корзо и Стар Ловец ќе ги чуваат спомените на Скопје

„Дојдов во 7, те чекав до 8. Ако не дојдеш до 9, си одам во 10“ – Оваа порака, изгравирана на скопски травертин во облик на срце ќе потсетува на местото каде бројни скопјани се среќавале со години. Авторот на уметничката инсталација, вајарот Андреј Митевски, го прикажува местото каде многу љубовни врски почнале, но и завршиле.

„Ние сме генерација каде на самиот Рекорд, на автобуската станица, се кршеа љубовни срца, но се освојуваа и нови. Ова е еден спомен на генерациите кои тука се среќаваа, ги правеа своите контакти и една емотивна приказна за таа цела генерација која тука се собираше на ова место“, изјави Митевски за Радио МОФ.

Тој заедно со уште тројцата уметници Љубиша КамењаровАлександар Наумовски и Андреј Миневски направија урбани топони кои раскажуваат приказни за Скопје. 

Па така, на просторот кај Стар ловец е поставена инсталација во облик на ловец/волк, кај Маџир маало (до Народната банка) има топоним во форма на гулаби, бидејќи населбата била позната по одгледување на овие птици, а кај Паркот на Франкофонија е поставена инсталација која го означува Скопско Корзо, некогашно збиралиште на младите. 

Никола Писарев од Центарот за современи уметности, посочи дека Скопје претрпело многу промени по земјотресот. Младите генерации не ги препознаваат, или ниту пак слушнале и знаат што значат овие места за претходните генерации.

„И Скопје има места кои се свети за луѓето од одредени генерации. За генерациите на нашите родители тоа можеби е Корзо, за нашата можеби е Рекорд, а за уште постарата генерација тоа е Маџир маало“, вели Писарев.

Според него има доволно скулптури, така што овие уметнички инсталации ќе донесат топлинана градот.

Тој се надева дека ќе се појават нови локации кои ќе се од значење за Скопје бидејќи како што нагласи „Градот функционира само кога луѓето функционираат внатре“.

Урбаните инсталации се финансиски поддржани од Општина Центар – Скопје.

Емилија Петреска