Уметничка слика создадена од компјутер за прв пат ќе се продава на аукција

Слика направена од компјутерски алгоритам кон крајот на октомври ќе биде ставена на продажба од аукциската куќа Кристи во Њујорк, што ќе биде прв пат во историјата да биде ставено на лицитација уметничко дело создадено од вештачка интелигенција.

Делото, насловено „Портрет на Едмонт Белами“ е едно од групата портрети на измисленото семејство Белами создадено од трио 25-годишници од Париз.

Тие користеле систем машинско учење преку невронски мрежи за да складираат 15 илјади портрети насликани меѓу 14-тиот и 15-тиот век во алгоритамот. Компјутерот потоа создавал слики до моментот кога успеал да го прелаже тестот дизајниран да открие дали одредена слика е создадена од човек или компјутер.

Делото се очекува да достигне цена од околу 10.000 долари на аукцијата.

„Семејството Белами“

Готје Верниер, еден од трите соосновачи на колективот „Очигледна уметност“ (Obvious art collective) изјавил дека не верува дека оваа иновативна „уметност“ ќе ги остави без работа традиционалните уметници.

„Постои место за сите нас. Гледаме на ова како на нов вид на уметност на ист начин како што фотографијата била во 1800-тите години. Ние сме нова генерација креативци, но сигурно нема да ги замениме другите иновативни уметници“, изјавил тој.

Младите иноватори живееле заедно во стан во Париз, а се сретнале на универзитет. Пјер Фотрел и Верниер студирале бизнис, додека нивниот колега Хуго Касел – Дупре студирал технологии.

Тие велат дека нивниот финален продукт е уникатен поради многу важен елемент на случајност во програмскиот код. На дното на сликата која ќе биде изложена на аукција, каде вообичаено стои потписот на уметникот, се наоѓа токму формулата искористена во алгоритмот.

Досега создале 11 портрети, а нивната работа била охрабрена од Николас Лаугеро Ласер, познат професор по уметност, препознатлив по својата колекција на улична уметност од автори како Бенкси, Инвајдер и Шепард Фери.