Уличен уметник добил смртни закани бидејќи го споредил Доналд Трамп со Хитлер

Британски уличен уметник кој во графит го споредил Доналд Трамп со Адолф Хитлер, добил 28 смртни закани од поддржувачите на политичарот кој е во трка за претседателска кандидатура.

Pegasus е уличен уметник кој живее во Лондон. Во февруари, тој наслика графит од Доналд Трамп во нацистичка униформа, на ѕид на паб во Бристол. Планира да изложи адаптирана верзија на делото во Лос Анџелес во октомври, како дел од неговата светска турнеја Gods & Monsters.

Pegasus вели дека смртните закани пристигале до неговиот менаџер преку телефон.

Полицијата на Лос Анџелес била контактирана и планираат да го зголемат обезбедувањето за изложбата.

„Полицијата ми даде голема поддршка и ги сфаќа ваквите закани многу сериозно“, вели уметникот. „Ме уверија дека ќе има униформирани полицајци на мојата изложба“.

Вели дека нема да биде „поразен поради ширењето на страв и нема да биде цензуриран“.

Менаџерот Леонард Виља, кој ги добил заканите, за Mashable вели дека јавувачите се заканувале дека ќе ја саботираат изложбата.

„Навистина е застрашувачки. Мислам дека луѓето се навистина опседнати со Доналд“, вели тој.