Револтиран после вчерашната изјава на претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, новинарот Томислав Кежаровски реши да поднесе приватна тужба поради навреда и клевета.
Тој бил поттикнат од делот во изјавата на Груевски, каде поддржувачите на Шарената револуција ги нарекува „уличарите на СДСМ“. Кежаровски бара од Груевски да даде толкување за овој заклучок.
„Јас се најдов засегнат во целата ситуација. Еднаш засекогаш да се стави крај на ваквите реторички влијанија од страна на политичарите“, смета новинарот.
По неговата објава на Фејсбук, се креираше и група, во која досега се вклучија над 1 000 граѓани. Кежаровски нагласува дека групата е граѓанска, а не политичка иницијатива.
„Ниту јас сум некаков си зависник, или нешто друго од Заев, ниту пак, може некој да дозволам да ме нарече уличар само затоа што излегов да ги барам своите права. Ако правилно толкуваат сите, без оглед на партиска припадност, ова ќе биде шанса да се спречи понатамошни злоупотреби на говорницата од страна на политичари. И да внимаваат, затоа што никој, без оглед дали е Груевски или е Заев, нема право да си поигрува со достоинството на кој било човек во Македонија“, вели Кежаровски.
Инаку, Груевски за време на прес-конференцијата рече дека ВМРО – ДПМНЕ е нападната како никогаш досега во историјата на Република Македонија и дека во цела Европа не се случило вакво политичко гонење на политичките противници.
„Стотина припадници на партијата се гонети со цел партијата да се уништи или замолкне’, изјави Груевски по најавите на СЈО дека има покренато обвиненија против повеќемина членови на партијата.
Е.П.