УКЛО бара повлекување на објавената Шангајска листа на универзитетите поради нетранспарентност

Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола денеска јавно побара повлекување на објавената Шангајска листа на универзитетите во Република Македонија.

Од Управата бараат нејзино преиспитување и коригирање врз основа на објективизирани критериуми содржани во однапред позната методологија на сите учесници во рангирањето, во функција на целосно транспарентен процес и обезбедена непристрасност и контрола на квалитетот на резултатите.

Во соопштението на УКЛО, исто така, се нагласува дека Универзитетот констатирал непочитување на Берлинските принципи за рангирање на високообразовните установи врз кои треба да се темели рангирањето како и неможност за приговор како уставно загарантирано право за заштита.

Од вкупно 19 држави, УКЛО се најде на седмото место. На прво место на ранг листата и овој пат е Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а зад него е Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на второто место.

Претходните две рангирања на високообразовните институции во Македонија беа објавени во 2012 и 2014 година.

Шангајскиот универзитет рангирањето го прави врз основа на 21 индикатор, како академските постигнувања и конкурентноста, потоа наставата, истражувањето и социјалните услуги.

„Ректорската управа смета дека Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола со постигнатите резултати што се темелат на повеќедецениската традиција, дал значаен импакт врз севкупниот едукативен, научен, општествено-економски и културен развој на државата и дека објавената ранг-листа не је отсликува реалната состојба на универзитетите во Република Македонија“, стои во соопштението на УКЛО.

Заклучокот на УКЛО во врска со објавеното рангирање на универзитетите во РМ е доставен до Министерството за образование и наука.