Укинување на македонскиот сервис на Радио Слободна Европа предвидува Предлог-буџетот на Трамп за 2020

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го поднесе Предлог-буџетот за 2020 година, со кој се предвидуваат намалување на средствата за странските програми за 22 проценти, вклучително и редуцирање на балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, преку елиминирање на програмите на македонски и црногорски јазик. Крајниот збор, дали ваквиот предлог ќе се прифати, или одбие, ќе го има американскиот Конгрес.

Сумираниот Предлог-буџет за странските програми е објавен на сајтот на Агенцијата за глобални медиуми на САД, која е задолжена за надзор врз работата на Радио Слободна Европа, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија и други сервиси.

Според тој предлог, буџетот за Радио Слободна Европа треба да биде намален од 124 милиони долари, колку што изнесува во 2019 година, на 87 милиони во 2020 година. Намалувањето предвидува сеопфатни мерки на штедење, во кои е вклучено укинувањето на грузискиот, татар-беркширскиот и северно-кавкаскиот сервис во текот на даночната 2020 година, како и редуцирање на балканскиот сервис со кратење на македонскиот и црногорскиот сервис.

„Во фискалната 2020 година Радио Слободна Европа ќе го елиминира нејзиниот грузиски сервис, татар-беркширскиот сервис и северно-кавкаскиот јазичен сервис. Радио Слободна Европа исто така ќе го намали балканскиот сервис преку запирање на активностите на црногорски и македонски“, стои во документот.

Предлог-буџетот понатаму се испраќа до американскиот Конгрес кој има клучна одлука за негово изгласување. И оваа година претседателскиот предлог за сервисите на Радио Слободна Европа бил 91 милион долари, но конгресот одобрил 124 милиони.

„Предлог-буџетот е само прв чекор во долг процес. Колку и да сакаат критичарите во некои земји да не видат дека си одиме, се радуваме на продолжението на она што е суштина на нашата работа, а која има поддршка кај надлежните инстанци во САД, како што досега секогаш било случај“, вели Дејзи Синделар, в.д. претседателка на Радио Слободна Европа.

Со предлог буџетот за 2020 година се предвидуваат помалку средства и за Гласот на Америка, Радио Слободна Азија и другите емитери на Агенцијата за глобални медиуми на САД.

Буџетскиот предлог на Трамп за следната година е најголем во историјата на земјата и изнесува 4,7 билиони долари, во кои се вклучени зголемување на трошоците за одбрана за 750 милијарди долари и 8,6 милијарди за изградба на физички бариери на границата со Мексико. Предлог буџетот предвидува и значителни кратења на средства во здравствените програми како „Медикер“ и „Медикејд“.

Представниците на опозициската Демократска партија веднаш го одбиле Предлог-буџетот на Трамп кога бил представен пред Конгресот на 11 март. Резервирани биле дури и дел од членовите на Републиканската партија, од каде претседателот ја црпи политичката поддршка.

Радио Слободна Европа емитува програма за 22 држави на 26 јазици.