Укинат куќниот притвор на демонстрантите од Левица

Судот денеска ја укина мерката куќен притвор за демонстрантите од Левица,  Здравко Савески и Владимир Куновски и по 45 дена тие се пуштени на слобода.

Притоа за Савески и Куновски судот наложи одредување мерки на претппазливост односно одземање на патни исправи и редовно пријавување во судот.

Од Шарената револуција ја поздравија ваквата одлука.

„Ова е важно, иако делумно исполнување на едно од нашите барања. Ќе победиме! И ќе има правда, и ќе има мир!“, порачаа на својата ФБ страница.

Кривичната пријава Савески ја доби поради сомневање дека запалил слика од претседателот Ѓорѓе Иванов и фрлал кон Народната канцеларија, за време на еден од протестите на Шарената револуција. Куновски пак, како што соопштија од МВР, кривичното дело го извршил така што „додека се наоѓал во внатрешниот дел од Народната Канцеларија на Претседателот, преку искршениот прозор исфрлал неколку канцелариски столчиња на тротоарот“.

За нивното ослободување сопартијците од Левица покренаа и онлајн петиција која досега ја потпишаа 1600 поддржувачи.