Кривична за Здравко Савески бидејќи запалил слика од Иванов и фрлал кон Народната канцеларија

Единицата за насилен криминал, го предаде Здравко Савески до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје  поради сомневање за сторено кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Како што соопшти МВР, заедно со Савески, за истото дело, поднесена е кривична пријава и против лицето В. К.

„Имено, утврдено е дека З.С. кривичното дело го извршил на тој начин што влегол во демолираната канцеларија заедно со дел од толпата, запалил фотографија од претседателот Ѓорѓе Иванов и фрлал со предмет кон Народната Канцеларија на Претседателот, додека В. К. кривичното дело го извршил на тој начин што, додека истиот се наоѓал во внатрешниот дел од Народната Канцеларија на Претседателот, преку искршениот прозор исфрлал неколку канцелариски столчиња на тротоарот“, се вели во соопштението од МВР.

Оттаму појаснуваат дека по дополнително прегледување на видео запис, утврдено е дека двете лица учествувале во толпата која го демолирала објектот на Народната Канцеларија на Претседателот на РМ за време на протестот на 13  мај. За истото дело кривични пријави претходно беа поднесени уште против двајца демонстранти.

„На 14.04.2016 год., СВР Скопје – Единица за насилен криминал, со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје ги предаде Н. А. (30) и Ф. Н. (30) двајцата од Скопје, поради основи на сомневање дека истите сториле кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ предвидено и казниво по член 385 од КЗ на РМ, извршено на 13.04.2016 год., за време на одржување на ненајавен протестен собир на кој присуствувале околу 2000 граѓани, на тој начин што учествувале во толпа со заедничко дејствување, со фрлање на тврди предмети, удирање и кршење на инвентарот, како и други дејствија насочени кон оштетување на надворешниот и внатрешниот дел на објектот на Народната Канцеларија на Претседателот на РМ, при што била предизвикана материјална штета“, се додава во соопштението.