Петиција за ослободување на Савески и Куновски: Стоп за гонењето на демонстранти во Македонија

Здравко Савески и Владимир Куновски, долгогодишни активисти и членови на новоформираната партија Левица, се задржани во домашен притвор веќе еден месец. Неодамна, нивниот притвор е продолжен за дополнителни 30 денови.

Тие беа приведени поради нивното учество во антивладините протести кои започнаа по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболира 56 функционери и политичари осомничени дека направиле тешки криминали.

„Овие настани ја покажаа апсурдноста на судскиот систем во Македонија, каде целосен имунитет од гонење имаат корумпираните елити, додека прекумерни казни се даваат на оние кои се борат против правдата“, се вели во онлајн петицијата, покрената од нивниот сопартиец Бранимир Јовановиќ.

Тој во неа вели дека куќниот притвор е несомнено претеран, со оглед на доказите и фактот дека ниту еден од нив досега не извршиле кривични дела во минатото.

„Имаме причини да се посомневаме дека имало силни притисоци од претседателот на Судот и Јавниот обвинител. Според нас, мерката е чисто политичка и има за цел да ја ослабне Левица и поширокото протестно движење. Јасни показатели за ова се и други слични мерки на заплашувања, како што се повиците до демонстрантите да присуствуваат на т.н. информативни разговори во полиција и апсење на демонстранти, кои се интензивираа во последните неколку дена.

Бараме укинување на домашниот притвор и итно ослободување на Здравко и Владимир!

Бараме прекин на притисоците врз демонстрантите!

Бараме итно да престанат апсењата, како мерка на казна!“, пишува во петицијата.

Целта е да се соберат сто потписи, кои подоцна  ќе бидат доставени до судските власти во Македонија.