УКИМ го објави Конкурсот за запишување студенти во 2013/2014

УКИМ го објави Конкурсот за запишување студенти во 2013/2014Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје го објави Конкурсот за запишување студенти во прва година во учебната 2013/2014 година, според кој има 10.311 слободни места. Од нив, за редовни во државната квота слободни се 6.092,  3.144  се за редовни со кофинансирање на студиите и 1.075 за вонредни студенти.

Бројот на слободни места на факултетите е усогласен со барањата на пазарот на трудот, така што има повеќе места за техничките науки.
Цената на студии во државната квота е 200 евра или 100 на дисперзираните студии и 400 евра за студентите што ќе кофинансираат.
Првиот рок за пријавување на кандидатите е на 15-ти и 16 август, вториот е на 3-ти и 4 септември и третиот, на факултетите на кои ќе има слободни места, е на 17 септември.
Конкурсот е објавен на веб-страницата на Скопскиот универзитет www.ukim.edu.mk. Во него се наведени условите и критериумите за запишување,  начинот за селекција на кандидатите и бодирањето од успехот во средното образование и од државната матура, од која екстерните предмети матурантите годинава  ќе ги полагаат на 8 јуни (мајчин јазик и литература) и на 11 јуни (математика, странски јазик, филозофија или естетика).