УЈП казни 114 даночни обврзници – дел од нив не намалиле ДДВ на основните прехранбени производи

Од 611 контроли низ целата земја, кај 114 даночни обврзници биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, соопшти денеска на прес-конференција директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска. Во контролите биле опфатени даночни обврзници кои вршат дејност трговија на мало со храна и пијалоци, трговија на мало со месо и производи од месо и трговија на мало со моторни горива и кои дејноста ја вршат преку повеќе деловни единици.

Па така, на територијата на регионалната дирекција Скопје биле утврдени 13 неправилности, на територијата на Битола – 41 утврдена неправилност, на територијата на Прилеп – 22, додека на територијата на Струмица биле регистрирани 10 неправилности. Во Тетово истовремено се утврдени 26 неправилности, како и 2 неправилности на територијата на регионалната дирекција Штип.

„Радува податокот што голем дел од продажните објекти ги почитуваат уредбите од законот, но за жал и покрај укажувањата имаше и такви на кои не им беа прилагодени фискалните апарати и наместо во група Г, лебот, брашното тип-400, јајцата, млекото, месото, шеќерот, оризот и зејтинот ги продаваа во група Б, односно со пресметан ДДВ од 5%. Таквата постапка е казнива согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања“, рече Лукаревска.

Најмногу неправилности инспекторите утврдиле кај даночни обврзници од Тетово, Струга, Скопје, Прилеп и Охрид. Утврдени биле неприлагодени фискални апарати кај трговци на мало со храна и пијалоци, кај трговци на мало со јајца и трговци на мало со месо и производи од месо во специјализирани продавници.

„Со контролите кај еден голем трговец кој врши трговија на мало со храна, млечни производи, месо во неколку маркети во Скопје, Струмица, Гевгелија и Валандово е утврдена неусогласеност на даночната стапка за месо и други кланични производи. Меѓутоа со контролите неусогласени биле и поголеми маркети од Скопје, Штип, Охрид, односно кај сите нив е констатирана неусогласеност на даночната стапка со измените на законот за ДДВ и одлуката на Владата за определување на видот на добрата и временскиот период од плаќање на ДДВ“, посочи Лукаревска.

Таа апелираше до граѓаните кои ќе утврдат дека на издадените фискални сметки им е наплатен ДДВ на основните производи за исхрана, да пријават на телефонската линија 198 или на 0 800 33 000, како и преку апликацијата „Мој ДДВ“.

„Сите овие претставки ги сумираме и ги доставуваме до генералниот даночен инспекторат за понатамошно постапување. УЈП и во наредниот период ќе ја следи состојбата на терен и ќе продолжи со координирани контроли заедно со останатите надлежни институции, сите трговци кои нема да ги почитуваат одредбите од законот може да се соочат со глоби согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, за издавање сметка која не ги содржи пропишаните елементи. Висината на глобите се пресметува согласно големината на продажниот објект, број на вработени, остварен промет, како и нивното даночно поведение“, истакна Лукаревска.