По реакциите во јавноста во врска со новата апликација „Мој ДДВ“ за поврат на платениот ДДВ, каде дел од корисниците изразија загриженост околу сигурноста и безбедноста на нивните лични податоци, од Управата за јавни приходи (УЈП) уверуваат дека апликацијата е безбедна за преземање и инсталирање.
„Управата уверува дека сите податоци внесени во апликацијата, како што се е-пошта и број на трансакциска сметка се сигурни и заштитени од било каква злоупотреба. Имено, апликацијата МојДДВ граѓаните ја преземаат од Google play store, којшто е сервис на мултинационалната компанија Google којашто има строги критериуми од безбедносен аспект како за самата компанија, така и за корисниците на сервисот. При симнување на апликацијата не се бараат никакви податоци. Единствено се бара дозвола за користење на камерата. При употреба на апликацијата е потребно да се најават на системот на УЈП и се користи постојното корисничко име и лозинка. Се користи безбеден криптиран пренос на податоците од корисничкото име и лозинката меѓу телефонот и системот на УЈП. Во системот за поврат на ДДВ не се чуваат лични податоци освен трансакциската сметка која е поврзана кон кориснички број и не може да се идентификува на кое лице припаѓа“, соопштија од УЈП.
Од Управата уверуваат дека податоците на граѓаните се максимално заштитени и дека граѓаните без стравувања можат да ја преземат апликацијата преку ЛИНКОТ поставен на веб-страницата на УЈП.
Граѓаните на апликацијата можат да се најават со истите податоците со кои се регистрирале на системот „Е-Персонален данок“, а потоа имаат можност да го скенираат баркодот од фискалните сметки за секоја купена стока или користена услуга која не надминува 30 илјади денари. Мерката предвидува на граѓаните да им се врати 15% од платениот ДДВ кој ќе го регистрираат преку оваа апликација. Првата исплата е предвидено да се изврши во декември 2019 година на сметките на граѓаните, а потоа повратот на ДДВ ќе се врши на секои три месеци.
Поврат на ДДВ може да изврши секој граѓанин кој има над 15 години, поседува документ за идентификација, има трансакциска сметка и е регистриран на системот на УЈП „Е-Персонален данок“.
Управата за јавни приходи информираше дека за граѓаните кои имаат потреба за поддршка во процесот, во своите 36 подрачни единици низ државата ќе обезбеди киоск апарати, бар код читачи и паметни телефони преку кои ќе може на лице место да се регистрира фискалната сметка.