УГД ги поддржа реформите во високото образование

Реформите во високото образование се прифатливи за Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, откако Владата и МОН го прифатиле нивниот предлог со кој студентите ќе можат да полагаат половина од предметите во третата студиска година, независно дали го положиле или не првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година.

Како што јавува МИА, ректорот на Штипскиот универзитет Саша Митрев вели дека целосно е прифатлив и предлогот кој се однесува на зголемувањето на бројот на објавени публикации од професорите во реномирани научни списанија и списанија опфатени со научната база „Веб оф сајнс“ (Web of Science), како и нивното вреднување при изборот на професорите во наставно-научни звања.

„Врз основа на ова, УГД нема никакви пречки да ги поддржи измените во Законот за високо образование, смета Митрев, кој во обраќањето до деканите и до другите членови на академската заедница посочува дека имаат право на сопствен личен став и мислење и немаат никакви задршки или институционални пречки од ректорот, Ректорската управа или Сенатот“, вели Митрев.