Уганда започна да испорачува лекови за ХИВ со дронови до отсечените острови

Додека шишињата со лекови внимателно се истоварѕваат во дронот, мала група на луѓе се собира и набљудува како дронот полека се одделува од тлото, известува „Гардијан“.

Со тивко шумолење, дронот се одделува од тлото. Вредната испорака го напушта клиничкиот центар „Буфумира“ во Уганда и носи исклучиво важни лекови за лицата кои живеат во најотсечените заедници во регионот. Каланда се состои од 84 острови во езерото Викторија, најголемото тропско езеро во светот, чија површина ја делат Уганда, Танзанија и Кенија.

Станува збор за дрон што е експериментален обид за нов проект. Во склоп на проектот планирано е да има 20 дронски летови месечно, кои ќе пренесуваат лекови за ХИВ со 78 заедници и медицински институции во раштрканите Сессе острови, каде има највисока стапка на заболени од ХИВ.

Лоциран околу 40 километри од главниот град Кампала, а дом на повеќе од 67.000 луѓе, во реонот Кангалага со ХИВ се бори над 18 отсто од населението, број што е далку поголем од националниот просек од 5.6 отсто. Според владината стратегија за борбата со ХИВ, се смета дека вирусот е присутен дури над 40 отсто кај населението.

Доставата на лековите и медицинската помош тешко се воведуваат во толку тешки реони каде  временските прогнози се ризични за мединцинските лица бидејќи единствениот начин за патување е со бродови. Се смета дека дроновите, кои можат да пренесуваат тежина и до 1 килограм, а да патуваат и до 150 километри, ќе ја олеснат дистрибуцијата на лековите.

„Дистрибуцијата и сигурноста дека луѓето кои живеат во отсечените предели ќе имаат олеснет пристап до модерните терапии против ХИВ е еден од најважните предизвици за глобалното здравје, но и за Уганда. Медицинските дронови можат да бидат решение за дистрибуција на животноспасувачките лекови, со што на медицинските работници ќе им остане повеќе време да се справуваат и со другите болести. Тоа би резултирало и со поздрави заедници“, изјавил Ендрју Камбугу, директорот на Универзитетскиот институт за заразни болести.

Доставата со дронови е проект, резултат на соработката помеѓу Министерството за здравство во Уганда, Академијата за медицинска иновација и државата Уганда, а лековите снабдуваат околу 1,000 лица кои живеат со ХИВ.

Иницијативата за надминување на територијалните бариери со помош на технологија ќе ги олесни предизвиците, истакнал Хенри Мебеса, генералниот директор на медицинските процеси во Уганда.

„Користењето на медицински дронови е голем чекор за нас, како медицински сектор кој се труди да доставува лекови во тешко пристапни реони. Но оваа практика е доста корисна. Доколку се покаже како успешна можеме да ја воведеме и во други институции, за други проблеми“, додал тој.

Дроновите се контролирани од локални експерти кои го набљудуваат летот и слетувањето.

Од Медицинската асоцијација на Уганда, велат дека го поздравуваат овој потег, но дополнуваат дека се загрижени поради недостатокот на лекови што е резултат на нееднакво буџетирање.

„Дистрибуцијата и доставата е добредојдена, но најголемиот проблем е дека мнозинството од медицинските институции имаат недостатоци на лекови, дури и во случаи кога се лесно пристапни. Па така, мислам дека недостатокот на лекови не е поради проблем со транспорт или поврзаност. Најголемиот недостиг на лекови е поради недоволни фондови“, истакнале од асоцијацијата.