„Удирање во ѕид“ на Скопски маратон за актуелизација на проблемот со охридската јагула

Еколошкото друштво „Патот до Саргасово Море“ на Скопскиот маратон во недела ќе организира акција „Удирање во ѕид“ (Hit the Wall). Целта на акцијата, како што велат од друштвото, е актуелизација на проблемот со оневозможената миграција на охридската јагула, како и мотивирање на самите маратонци да продолжат со своето трчање.

„Изразот „удирање во ѕид“ го користат маратонците кога, во текот на трката, се чувствуваат како да не можат повеќе да продолжат т.е. како да имаат удрено во ѕид. Еколошкото Друштво „Патот до Саргасово Море“ на патеката на маратонот ќе постави платно во кое маратонците симболично ќе „удираат“ во текот на своето трчање. Со тоа симболично ќе се потсети на фактот дека охридските јагули, веќе 50 години, удираат во ѕидовите на браните кои се изградени на Црн Дрим и кои ја спречуваат нивната природна миграција од Охридското Езеро па сè до Саргасовото Море во Атлантскиот Океан“, посочуваат еколозите.

Акцијата „Удирање во ѕид“ е дел од кампањата на здружението за актуелизација на проблемот на охридската јагула. Во склоп на напорите за актуелизација на проблемот 20 маратонци, на трки и тренинзи, ги трчаат импресивните 7.400 километри кои треба да ги помине охридската јагула на својот пат од Охридското Езеро до Саргасовото Море. Кампањата започна симболично на Охридскиот маратон во септември 2014 година и ќе заврши, исто така симболично, со Бермудскиот маратон во јануари 2016 година.

Од друштвото алармираат дека проблемот на охридската јагула во последниот период дополнително се влошува. Поради оневозможената природна миграција, јагулите се оневозможени да се репродуцираат по природен пат, а поради непорибувањето на Охридско Езеро со јагули во последните години, нивниот број во Охридското Езеро постојано се намалува и можно е бројот на јагулите во езерото во моментов да е на алармантно ниско ниво.