Училиштето „Димитар Миладинов“ затворено до четврток поради неисправна вода

Од денеска до четврток (8-ми ноември) Основното општинско училиште „Димитар Миладинов“ во скопската општина Центар ќе биде затворено поради дефект на водоводната мрежа и техничка неисправност на водата, соопштија од Општината.

Од Општина Центар ги информираат родителите и учениците дека нема да има дежурство за продолжен престој на учениците, а се одложуваат и другите активности што се реализираат во училиштето.

Претходно „Макфакс“ објави дека според неофицијални информации до кои дошле водата за пиење во училиштето се мешала со фекалии и дека повеќе деца, во изминативе денови, се заразиле од стомачен вирус. Директорката на училиштето, Маја Ангелова, во изјава за новинската агенција изјавила дека водата била исправна за пиење до затворањето на училиштето поради поправка на дефектот.