Училиште во Јордан прима бегалски деца под еден услов – сами да си донесат столче

Кога бегалка од Сирија ја замолила Маха Салим Ал-Ашкар, директорка на училиште во Аман, да ја прими нејзината ќерка во училиштето, Маха ја одбила, велејќи дека во училиштето веќе нема место.

Поради сириската криза, училиштата во Јордан биле преполнети и примиле околу 10 илјади деца бегалци во веќе полните училници. Училиштето во кое работи Маха, Кавла Бинт Талба основното училиште за девојчиња, не било исклучок.

Но мајката, која веќе била одбиена од неколку училишта, не се предавала. Затоа, Маха склучила договор со неа – ќе ја запише ќерка ѝ во училиштето, доколку сама си носи столче за седење во училницата.

Оттогаш до денес не одбила да запише ниту едно бегалско дете во училиштето кое го води веќе 10 години. Сѐ повеќе родители доаѓале со пластични столчиња за нивните ќерки, за конечно да има каде да учат откако побегнале од насилството и војната во нивната татковина.

„Откако примив голем број на ученички од Сирија, бројот многу порасна. Главниот проблем беше што ученичките од Јордан веќе го имаа пополнето капацитетот на училиштето“, објаснува директорката во видео на USAID, а пренесува Mashable.

Со напорите на Маха, училиштето во кое работи сега има 356 ученици и е дом на околу 65 ученички од Сирија. Наставниците се обидуваат и да ги интегрираат новите ученици кои претпреле голема траума, и најчесто им е потребно советување и посебна грижа.

„Имавме ученички од Сирија со психолошка траума. Една од ученичките дојде од област која била бомбардирана, и многу се плашеше. Друга ученичка го изгубила својот татко“, вели Маха.

 

USAID помага на повеќе вакви училишта во Јордан, обезбедувајќи тренинзи за наставниците и поддршка преку програми за помош.

Граѓанската војна во Сирија, која многу меѓународни организации за човекови права ја нарекоа „една од најголемите хуманитарни кризи на нашето време“, резултираше со повеќе од 4,8 милиони сириски бегалци низ светот. Повеќето од нив побегнале во соседните земји како Јордан, каде моментално живеат повеќе од 635000 Сиријци.

„Навистина го сакам моето училиште, но ги сакам и моите ученички“, вели Маха. „Мислам дека љубов е кога даваш најмногу што можеш, преку помагање и поддршка за да им ја отстраниш болката“, додава таа.