Училиште во Данска забрани носење бурка во училница

Центар за возрасни во северниот дел на Копенхаген им нареди на жените кои го посетуваат повеќе да не се појавуваат на предавањата ако не ги тргнат нивните бурки. Училиштето соопшти дека правилата се смениле во есен, со цел учениците да не ги покриваат повеќе нивните лица. Но, случајот станал актуелен во националните медиуми по објава на Фејсбук, која предизвика широка дебата.

По критиките, од училиштето изјавија дека „секој е добредојден“ во институцијата и дека од никој не било побарано да го напушти класот бидејќи носи бурка. Но, тие велат дека новото правило ќе се однесува на сите ученици во иднина.

„Слободна и непречена комуникација бара да си ги гледаме лицата. Затоа, не е дозволено да се покриваат очите, носот или устата додека се учествува во предавањата“, се вели во соопштението на училиштето, додавајќи дека на жените на кои им била забранета бурката им понудиле да ја следат наставата електронски и дека нема религиски мотиви.

„Ова не е прашање за религија или етничко потекло, туку за учење, со оглед на тоа дека ние сме образовна институција. Се работи за тоа како да го направиме учењето најдобро и веруваме дека тоа може најдобро да се направи кога може да комуницирате отворено еден со друг“, се вели во ставот на училиштето.

Владејачката партија во Данска, конзервативците и Партијата на данскиот народ, изразија поддршка за одлуката на центарот. Тие велат дека се за целосна забрана, освен во рамки на сопствениот дом.

Засега, Франција и Белгија се единствените кои целосно ги забранија муслиманските превези низ државите.