Училишните резултати не се подобруваат со повеќе математика, туку со многу повеќе музика

Основно училиште во Бредфорд, Велика Британија, сака да го сподели со светот својот успех со нова наставна програма. Неговите ученици учат за музика шест часа неделно, а имаат одлични резултати на Сатс испитите.

Абиха Насир, деветгодишна ученичка, влегува тивко во малата училница, седнува на место и си ги зема палките за свирење тапани. Срамежлива насмевка и се појавува на лицето какошто почнува да свири.

Имала само пет години кога станала дел од вонучилишните активности на Фивершам академијата за основно образование. Ги импресионирала наставниците со својот музички талент и растот на нејзината самодоверба кога свирела на инструментот.

Минатата година, Абиха успешно поминала аудиција за талентирани и музички надарени деца на градот Бредфорд, со што станала првата муслиманка примена на програмата.

Наставниците на Абиха велат дека нејзиниот талент можеби би поминал незабележан во многу училишта, каде предметите како музичко и ликовно образование се потиснати од притисокот да се достигнат високи успеси на Сатс испитите и да се искачат на ранг листите на најдобри училишта.

Но, во Фивершам, директорот Навид Идрис има воведено музика, драма и уметност во секој дел од обичниот училишен ден, со повеќе од шест часа музичко образование за секое дете. Сепак, имаат резултати на кои повеќето училишта би завидувале. Пред седум години Фивершам била академија под посебни мерки и за неа се пишувале наслови поради лоши причини. Денес е оценета како „добра“ од државните агенции и е меѓу десетте проценти најдобри национални училишта во Велика Британија за прогрес на учениците во читање, пишување и математика, според најновите податоци. Во 2011, училиштето имало 3,2 перцентили зад националниот просек во англиски јазик. Годинава, 74% од неговите ученици го постигнале очекуваниот стандард во читање, пишување и математика, наспроти националниот просек од 53%. Има 7,1 поени повеќе од просекот за читање и 3,4 повеќе во пишување. Во математика, училиштето било 2,4 поени зад националниот просек во 2011, а сега е 6,5 поени над него. Неговите резултати во однос на учениците со попреченост се многу над просекот.

Исходот е уште позначаен кога ќе се земе предвид составот на училиштето: 99% од 510 ученици зборуваат англиски како втор јазик, а половина од нив почнуваат со учење без да знаат ниту еден збор на англиски. Областа надвор од училишните порти, Бредфорд Мур, е едно од најсиромашните и најгусто населени соседства во градот. Речиси три четвртини од околната популација има пакистанско, бангладешко или индиско потекло, според пописот од 2011 година. Неодамнешниот наплив на бегалци и долгорочниот раст на бројот на жители кои доаѓаат од источна Европа придонесуваат за тензии во заедницата, каде градскиот совет вели дека различните етнички групи „не секогаш се однесуваат добро и се третираат меѓусебно со почит“.

Внатре  во училиштето, сепак, е друга приказна. Се зборуваат триесет различни јазици, но децата сите среќно учат еден од друг. Вежбаат драми од Шекспир и музика од Битлси, но и муслимански спиритуални песни наречени Нашиди. Учат игри на одморите, но и за Втората светска војна и песните на Ахмад Хусеин, Јутјуб ѕвезда родена во Шефилд кој настапува во училиштето секоја година.

„Минијатурен процент“ на муслимански родители биле загрижени за тоа дека нивните деца слушаат поп музика или христијански песни, според Џими Ротерам, енергичниот музички координатор на училиштето. Но, вели дека тие грижи исчезнале кога го виделе прогресот на нивните деца. Некогаш завршниот концерт го посетувале само неколкумина родители, а сега се распродава секоја година. Како основен минимум, секое дете добива 30-минутна музичка лекција, половина час дополнителна лекција, плус и еден час музички ансамбл со гостин музичар и групно пеење. Песните се инкорпорирани и во другите часови и учениците често пејат за периодичниот систем на елементи или за историјата.

Идрис, кој станал директор во 2013 година, признава дека новиот пристап бил „голем ризик“ но вели дека сега е убеден дека може да трансформира и други проблематични училишта.

„Бевме водени под посебни мерки. Имавме слаб ентузијазам кај вработените, родителите не беа задоволни, резултатите беа лоши и никој не сакаше да го запише детето тука бидејќи имавме буџетски проблеми. Оттаму спирално паѓавме надолу. Ако ги губиш учениците, губиш пари, не можеш да привлечеш квалитетни наставници, а тие кои ги имаш се депримирани. Ве мониторираат Офстед (државната агенција за образование на Велика Британија) секое тромесечје и бараат само резултати, резултати, резултати“, вели тој.

„Можевме да одиме надолу по тој пат кога решивме да ги подобриме резултатите. Можевме да предаваме повеќе англиски, математика и дополнителни лекции, но не го направивме тоа. Можеби ќе ги постигневме резултатите, но вработените ќе немаа ентузијазам, а децата ќе го мразеа тоа што го учат. Сакаме нашите деца да уживаат во учењето“.

Училиштето го заснова својот метод на Кодали пристапот, според кој наставниците ги мотивираат децата да учат, на почетокот потсвесно, преку играње музички игри. Учат ритам, знаци со дланките и движења, на начин кој им помага при читањето, пишувањето и математиката. Идрис вели дека наставниците откриле дека кога бараат од децата да запамтат стихови од Шекспировата „Бура“, на пример, тоа им помага при читањето и пишувањето.

Она што се губи во дебатата околу Сатс тестирањата и ранг листите, Идрис вели, е важноста на менталниот и социјалниот развој на децата. Ова станало тема на разговор кога 11-годишно момче од Бредфорд, Асад Кан, се самоуби поради врсничко насилство. Загрижените родители почнале да тропаат на вратите на директорите на училиштата низ Бредфорд, вели Идрис, загрижени за добросостојбата на сопствените деца.

После смртта на Асад, Фивершам почнал пилот-проект кој им помага на децата да се справат со неуспехот, притисокот и медиумските влијанија. „Многу од овие деца се тивки и не знаат како да се справат со емоциите, ниту пак со негативноста“, смета Идрис. Во основа, едноставниот акт на играње игри може да им помогне на децата да учат социјални вештини како контакт со очите и чекање на ред, а слушањето на музика и пеењето во група со часови им помага да ја развијат концентрацијата во ера доминирана од паметни телефони и таблет компјутери.

Фокусот на креативноста ги подобрил реултатите низ училиштето, не само меѓу музички талентираните, вели Ротерам, додавајќи дека е „видливо многу поефективно од учење на Сатс учебници“.

„Јас се надевам дека директорите и луѓето кои имаат врски, можеби и луѓето со влијание во владата, ќе прочитаат за нашето училиште и ќе сфатат дека креативните предмети не се само пополнување на времето, туку се клучни за напредокот на учениците“.