Учениците и професорите од Гостивар затруени со гас се во добра состојба

toksikologijaТриесетина ученици и професори биле затруени со гас кој непознато лице околу 18:30 часот го фрлило во просториите на Средното економско училиште во Гостивар. Најмалку седуммина ученици и петмина вработени од училиштето, чија состојба била посериозна, вечерва биле итно префрлени на Клиниката за токсикологија во Скопје.

Затруените се згрижени и имаат лесна клиничка слика.

-Сите пациенти ноќеска ќе останат на лекување и опсервација на Клиниката за токсикологија. Во меѓувреме на затруените им е земена крв, се прават токсиколошки анализи за да се утврди за каков гас се работи, изјави за НОВА директорот на клиниката д-р Андон Чибишев.

Затруените ученици и професори доцна вечерва ги посетија и премиерот Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Гостиварската полиција веќе започнала истрага за утврдување на околностите под кои се случило труењето. Истражните органи најавија повеќе детали утре.