Ученици го запалиле автомобилот на директорот зашто не ги пуштил на екскурзија

Ученици го запалиле автомобилот на директорот зашто не ги пуштил на екскурзијаУченици од средното училиште „Зеф Љуш Марку“ му го запалиле автомобилот на директорот оти не ги пуштил да одат на екскурзија, соопшти СВР Скопје.

Инцидентот се случил на 16 април, кога шестемина средношколци, од кои петмина малолетни, изработиле молотови коктели и се договориле да му го запалат автомобилот на директорот на училиштетот, изреволтирани затоа што не биле на списокот за одење на екскурзија, пренесува агенцијата Макфакс.

Учениците се сретнале во непосредна близина на училиштето кај старата железничка станица Скопје-север и ги подготвиле молотовите коктели кои ги фрлиле врз автомобилот „Сеат Ибица“ на директорот.

Автомобилот целосно изгорел, но ги издало чеканчето, кое еден од нив го фрлил во близина на возилото по што избегале од местото на настанот. По извршените споредбени ДНК анализи било констатирано дека трагите од билошко потекло нанесени на рачката на чеканчето, потекнуваат на еден од учениците.

Учениците на крајот пред полицајците и родителите го признале делото и кажале дека тоа го направиле бидејќи директорот одлучил оние деца кои не се примерни и дисциплинирани да не одат на екскурзија, а нив ги немало во списокот.

Направената материјална штета е околу 390.000 денари.