Ученик уапсен поради рачно изработен часовник ќе ја посети Белата куќа

Откако Ахмед Мухамед од Тексас беше уапсен поради носење на рачно изработен часовник на училиште, за кого професорите мислеле дека е бомба, поддршка за него изразија илјадници корисници на социјалните медиуми, меѓу кои и претседателот на САД, Барак Обама.

Властите во MacArthur средното училиште во Ирвинг ја повикале полицијата бидејќи мислеле дека 14-годишниот муслимански ученик носи бомба. Апсењето на Ахмед Мухамед беше остро критикувано, а момчето доби голема поддршка на социјалните медиуми.

Своја поддршка за Ахмед искажа и претседателот на САД, Барак Обама, кој го покани да му го покаже часовникот во Белата куќа.

„Изградив часовник да ја воодушевам професорката, но кога ѝ го покажав таа мислеше дека е закана. Многу сум тажен што доби погрешен впечаток“, рекол Ахмед на вчерашната прес конференција одржана во Далас. Ахмед најави и дека наскоро ќе се премести во друго училиште.

Неговиот татко, Мухамед Елхасан Мухамед, кој потекнува од Судан, вели дека е горд на генијалноста на својот син.

„Тој е многу паметно и брилијантно момче, кое само сакаше да му покаже на светот што умее“, вели.

Полицијата на Тексас реши да не поднесе тужба против Ахмед, кој бил одведен од училиштето во лисици и му зеле отпечатоци од прстите. Бил пуштен од притвор откако било утврдено дека не претставува закана.

Корисниците на социјалните медиуми го подрржаа тинејџерот користејќи го хаштагот #IStandWithAhmed, кој досега е употребен повеќе од 500.000 пати.

Поддршка за него изразија и астронаутот Крис Хетфилд, како и основачот на Facebook, Марк Цукерберг.

Извор: BBC